Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Среда, 16 октомври 2013 година

Претседателот Вељаноски оствари средба со потпретседателот на сејмот на Република Полска, г. Јежи Вендерлих

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со потпретседателот на Сејмот на Република Полска, г. Јежи Вендерлих.

На средбата, претседателот Вељаноски искажа задоволство и благодарност за постојаната и принципиелна поддршка која Република Македонија ја добива од Република Полска, како од свој искрен пријател. На средбата стана збор и за актуелните политички состојби, како и за Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата кон членство во Европската унија, кој треба официјално да биде предаден денеска.

На средбата, претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија има јасни цели и приоритети кои се однесуваат на членството во Европската унија и НАТО. Тој потенцираше дека Република Македонија е подготвена и ги исполнува сите услови, но, за жал, поради наметнатиот спор од страна на јужниот сосед сè уште не е дел од овие две семејства. Тој дополни дека реформите се прават пред сè за граѓаните на Република Македонија и за економски напредок, што ќе привлече поголем број на странски инвестиции од големи светски компании.

Потпретседателот Вендерлих потврди дека Полска постојано ја поддржува Република Македонија и го употребува уставното име уште од 2005 година и потенцираше дека двете држави имаат извонредни пријателски односи, како и дека Полска и понатаму ќе ја поддржува евроатлантската интеграција на Република Македонија. Гостинот се задржа и на искуството и почетоците на интегративниот процес на Полска, кој бил тежок, но резултирал со успех.