Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Четврток, 18 јануари 2018 година

Средба на претседателот Џафери со г. Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со г. Јенс Столтенебрг, генерален секретар на НАТО, кој престојува во официјална посета на Република Македонија. 

На средбата присуствуваа: г. Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ; г. Ејуп Алими, координатор на пратеничката група на ДУИ; г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, претседателка на Комисијата  за одбрана и безбедност и г-ѓа Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието на Република Македонија.

Претседателот на Собранието, г. Џафери, на почетокот на средбата изрази голема благодарност за поддршката дадена од генералниот секретар на НАТО, г. Столтенберг, за изборот на новата Влада и новото парламентарно мнозинство, како и во однос на реформските процеси во општеството и на планот на забрзаната интеграција на државата во НАТО. 

Република Македонија, веќе 18 години успешно го подготвува Годишниот план за членство во НАТО, за што и тој како поранешен заменик-министер и министер за одбрана имал голем ангажман и удел во напорите за полноправно НАТО членство. Тој изрази убеденост дека само со конструктивен дијалог со соседите  во однос на спорните прашања и со активен ангажман на институциите и на сите политички субјекти на исполнувањето на Планот 3-6-9, ќе се финализира „незавршената работа“ од Букурешкиот самит на НАТО во 2008 година. 

Истовремено, претседателот Џафери го запозна г. Столтенберг со агендата на Собранието на планот на подобрување на законската регулатива во безбедносниот сектор, со што ќе се обезбеди квалитетен и демократски  парламентарен надзор.   

Господин Столтенберг ја потенцираше понатамошната поддршка на НАТО за исполнувањето на амбициозната реформска агенда на новата Влада, особено на планот за владеење на правото, јакнењето на мултиетничкото општество и принципите на Охридскиот договор, како и за одржувањето и негувањето на добрососедските односи. Како позитивен исчекор во оваа насока е ратификацијата на Договорот за добрососедство со Република Бугарија, со што се отвора ново и квалитетно поглавје во регионален контекст. НАТО, со големо внимание го следи прогресот во функционирањето на Собранието на Република Македонија, особено по немилите настани од 27 април минатата година, бидејќи верува дека Собранието е платформата за заедничка работа на власта и опозицијата, низ реален политички дијалог, конструктивно да работат за бенефит на сите граѓани. 

НАТО особено го вреднува реалниот придонес на Република Македонија во мировните мисии на НАТО, каде Република Македонија се цени како мошне квалитетен и почитуван партнер. 

Господин Столтенберг подвлече дека НАТО и понатаму ја охрабрува Република Македонија храбро да продолжи во надминувањето на основната пречка која е предуслов за полноправно членство на Република Македонија во НАТО Алијансата. Поддршката дадена на Букурешкиот самит на НАТО и повторена на следните два самита, сè уште останува и е во насока на што побрзо зачленување на Република Македонија како 30-та земја членка на НАТО.