Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Вторник, 6 февруари 2018 година

Средба на претседателот Џафери со политичкиот директор задолжен за Рос-Рот семинари на ПС на НАТО,  г. Хенрик Блидал

Собранието на Република Македонија, во јуни оваа година, по седми пат, ќе биде домаќин на Рос-Рот семинарот на Парламентарното собрание на НАТО. За таа цел, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, имаше средба со политичкиот директор задолжен за Рос-Рот семинари, г. Хенрик Блидал, кој во рамките на подготовките за семинарот е во повеќедневна посета на Република Македонија. 

За време на средбата, претседателот Џафери изрази задоволство што Собранието на Република Македонија ќе биде повторно домаќин на Рос-Рот семинар на ПС на НАТО, особено имајќи го предвид фактот што истиот ќе се одржи во време кога Република Македонија засилено работи на планот на евроатланската интеграција, како и непосредно пред Самитот на НАТО во месец јули во Брисел.

Што се однесува конкретно на самата организација на семинарот, претседателот на Собранието истакна дека службата на Собранието ќе даде  целосна стручна и оперативна поддршка и заедно со службата на ПС на НАТО ќе ги преземе сите неопходни подготовки за овој значаен меѓународен настан да се реализира на највисоко ниво. 

Господин Хенрик Блидал се заблагодари за прифаќањето од страна на Собранието на Република Македонија да биде домаќин на овој семинар и истакна дека зградата на Собранието на Република Македонија ги задоволува сите стандарди за одржување на истиот. 

ПС на НАТО одржува два или три Рос-Рот семинари годишно. За два до три дена, членовите на парламентите од земјите членки на НАТО и земјите партнери се состануваат со владини претставници, претставници од НАТО и од други меѓународни организации, како и експерти од универзитети, тинк-тенкови и невладини организации, за да разговараат за едно конкретно безбедносно прашање од заеднички интерес.