Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Четврток, 18 јануари 2018 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Глобалниот совет за толеранција и мир, г. Ахмед бин Мохамед ал-Јарван

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со г. Ахмед бин Мохамед ал-Јарван, претседател на организацијата Глобален совет за толеранција и мир.

На почетокот на средбата, претседателот Џафери ѝ посака добредојде на делегацијата и изрази задоволство што има можност да се сретне со г. Ахмед бин Мохамед ал-Јарван, поранешен претседател на Парламентот на Обединети Арапски Емирати и денешен поборник за мир и толеранција во светот.

Претседателот на Глобалниот совет за мир и толеранција ја претстави организацијата, нејзините цели и земјите основачи, како и потребата да се промовира културата на мир и толеранција. Во таа насока, Советот планира да основа Меѓународен парламент за толеранција и мир, каде се поканети да учествуваат парламентарни претставници од повеќе од 40 земји од светот. Глобалниот Совет за толеранција и мир упати покана до Собранието на Република Македонија да земе учество во Меѓународниот парламент за толеранција и мир преку свој претставник.

Претседателот Џафери истакна дека Република Македонија е пример за мултиетничко општество каде се негуваат вредностите на мир, толеранција и заемно почитување и дека Собранието на Република Македонија ќе ја разгледа со внимание оваа иницијатива.