Активности

Четврток, 7 декември 2017 година, Брисел

Груби-Вајгл: Брисел да ги исполни очекувањата на Македонија

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, ја заокружи својата дводневна посета на Брисел со средба со европратеникот, г. Иво Вајгл, кој е известител за Македонија, во Европскиот парламент.

На средбите г. Груби истакна дека Македонија ја цени досегашната поддршка на ЕУ на политички и на економски план, но во духот на новите позитивни процеси кои најавуваат оптимистични прогнози за забрзана интеграција на земјите од регионот, побара да се валоризираат напорите на Скопје за реализирање на бараните реформи со тргнување на условената препорака и добивање на датум за преговори за прием во ЕУ.

Парламентарното мнозинство, но и граѓаните на Македонија, со посветеност работат на исполнување на очекувањата од Брисел, и очекуваме дека и пријателите од Европската Унија догодина ќе испорачаат во согласност со нашите стремежи.

Во врска со подготовката на Годишната резолуција за напредокот на Македонија, во Комисијата за надворешна политика-АФЕТ на Европскиот парламент, како нејзин известител, г. Вајгл, истакна дека ќе биде афирмативен, но и дека е потребен, пред сè, политички, граѓански и етнички консензус за заедничко делување во спроведувањето на ЕУ реформите, при што како приоритетни ги посочи судските реформи и реформите од корпусот на владеењето на правото.

Тројката европратеници ја прифатија поканата на Груби да учествуваат на регионалната конференција организирана од Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија во февруари следната година.