Активности

Понеделник, 13 ноември 2017 година

Младината е еден од најважните елементи во општеството

Клубот за младински прашања и политики во Собранието на Република Македонија оствари средба со шефот на Секторот за млади во Советот на Европа, г-ѓа Антие Ротемунд.

На првата официјална меѓународна средба, координаторката на Клубот, г-ца Ивана Туфегџиќ, ја информираше гостинката дека замислата на овој Клуб е пратеници од различни партии да дискутираат за младинските прашања и да изнаоѓаат решение за проблемите со кои се соочуваат истите, заедно со невладиниот сектор, владините институции и младинските организации. Клубот, поддржан од претседателот и генералната секретарка на Собранието, веќе остварил стратешко планирање на активности.

Целта на средбата беше да се чујат искуства, пракси и политики, коишто ќе помогнат Клубот за младински прашања и политики да стане мост преку кој младите ќе можат да ги искажаѕ своите идеи и истите да се интерпретираат во законодавниот дом. 

Изразувајќи благодарност за средбата, г-ѓа Ротемунд истакна дека младината е еден од најважните елементи во општеството и многу е битен нејзиниот пристап до политиките за човекови и социјални права.

Таа зборуваше за европските младински програми, како Еразмус, за Регионалната канцеларија за соработка за Западен Балкан, за локалните младински совети во Македонија, за Законот за млади, за начинот на буџетирање и слични искуства во функционирањето како дел од Секторот за млади во Советот на Европа.

Госпоѓа Ротемунд ја потенцираше важноста од вклученоста и пристапот на младите од целата земја во структурите, да научат како функционира системот, да им биде објаснето и тие да сфатат дека навистина се слушнати.

На крајот, беше изразено задоволство од средбата и надеж дека соработката и размената на искуства и идеи ќе продолжи и во иднина.