Активности

Четврток, 7 септември 2017 година

Прва седница на Комитетот за односи меѓу заедниците

Комитетот за односи меѓу заедниците денеска ја одржа својата прва седница, која ја започна и со која претседаваше претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери.

На почетокот на седницата г. Џафери им честиташе на членовите на Комитетот за изборот во ова значајно тело за Собранието на Република Македонија кое преку разгледување на прашања поврзани со односите на заедниците во Републиката, придонесува за обезбедување на уставно утврдените права на припадниците на заедниците кои што не се мнозинство во Република Македонија, во поглед на изразување на нивниот идентитет и национални особености. 

Единствена точка на Дневен ред на седницата беше Избор на претседател и заменик на претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците. 

Членот  на Комитетот, г. Џеват Адеми, за претседател на Комитетот го предложи г.  Реџаил Исмаили, пратеник и член на Комитетот, кој едногласно беше избран за претседател на Комитетот. Членот на Комитетот, г. Иван Стоилковиќ,  го  предложи г. Јусуф Хасани за заменик претседател на комитетот, пратеник и член на Комитетот, кој исто така едногласно беше избран.

По изборот за претседател на Комитетот, г. Реџаил Исмаили продолжи да претседава со седницата и во лично име им го честиташе изборот на пратениците за членови на Комитетот за односи меѓу заедниците и им се заблагодари на укажаната доверба.