Активности

Вторник, 10 јули 2018 година

Родовото насилство е едно од најеклатантните повреди на човековите права

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: шефот на Делегацијата Владимир Ѓорчев и членовите Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили, учествува на 27. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 7 до 11 јули 2018 година во Берлин, Сојузна Република Германија. 

Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и животна средина и Комисијата за  демократија, човекови права и хуманитарни прашања, ги разгледаа извештаите и ги усвоија Резолуциите на тема: „Имплементација на заложбите на ОБСЕ: улогата на парламентите“. 

Трите комисии продолжуваат со работа по дополнителните точки, кои се однесуваат на бројни прашања од надлежностите на ОБСЕ, меѓу кои: борбата против трговијата со луѓе, спречување на родовото насилство, градењето на ефикасна рамка за заштита на децата мигранти, реформа и управување со безбедносниот сектор, зајакнување на видливоста на Парламентарното собрание на ОБСЕ и сл.

Во дискусијата на тема: „Спречување и борба против родовото насилство“ учествуваше пратеничката Јагода Шахпаска. Таа оцени дека родовото насилство, во сите негови форми, преставува едно од најеклатантните повреди на човековите права во регионот на ОБСЕ и нагласи дека заложбите на ОБСЕ за промовирање и заштита на еднаквите права и можности се од суштинско значење за мирот, демократијата и економскиот развој, а со тоа и за безбедноста и стабилноста во регионот.

Пратеничката Шахпаска се осврна на законодавството во Република Македонија за спречување и борба против семејното и родово базираното насилство и информираше дека Собранието на Република Македонија во декември минатата година ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, популарно наречена „Истанбулска конвенција“. 

Таа истакна дека имплементацијата на оваа Конвенција е голем предизвик и дека е неопходен координиран и искрен пристап на сите институции во справувањето со родово базираното насилство и во усвојувањето на потребните законски измени согласно обврските од Конвенцијата. Информираше дека веќе е формирано и активно Националното координативно тело против семејно насилство, со претставници од сите релевантни институции, вклучително и Собранието на Република Македонија, кое треба да се трансформира во Национално координативно тело против родово базирано насилство. Нагласи дека Министерството за внатрешни работи спроведува обуки за родово базирано насилство за своите вработени, а во постапка е формирање на мобилни тимови за идентификација на ранливи категории, вклучително и жртви на трговија со луѓе.

На крајот од своето обраќање, Шахпаска ги повика своите колеги пратеници, како избрани преставници на граѓаните на земјите учеснички во ОБСЕ, заедно да покажат дека во регионот на ОБСЕ не постои толеранција за родовото насилство, во сите негови форми.

Годишната сесија е најголемиот собир на Парламентарното собрание на ОБСЕ, кое  го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.