Активности

Понеделник, 11 јуни 2018 година, Виена

Собраниска делегација на работилница во организација на Меѓународниот монетарен фонд

Делегација на Собранието на Република Македонија во состав: г. Весел Мемеди, потпретседател на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Кузмановска, претседател на Комисијата за финансирање и буџет, г-ѓа Кети Смилеска, г. Горан Милевски и г. Реџаиљ Исмаили, членови на Комисијата за финансирање и буџет учествуваат на работилница во организација на Меѓународниот монетарен фонд која од 11 до 13 јуни 2018 година, се одржува во Виена, Австрија.

На работилницата се дискутира за повеќе економски области меѓу кои улогата и функциите на Меѓународниот монетарен фонд, улогата на парламентите во преземањето мерки за борба против корупцијата, значењето на парламентарните буџетски канцеларии во насока на подобрување на парламентарната буџетска контрола, макроекономските и финансиски реформи, предизвиците со кои се соочува банкарскиот сектор во земјите од Западен Балкан и улогата на парламентите во преземање на потребните реформски мерки за зајакнување на овој сектор.

Свое обраќање имаше комесарот за европска соседска политика и за преговори за проширување, г. Јоханес Хан при што ја истакна важноста за постигнување на економски напредок во земјите од Западен Балкан за нивно интегрирање во Европската унија. 

Исто така, од негова страна беа презентирани политиките кои ги спроведува Европската унија на глобално ниво, новата Стратегија на Европската унија во однос на земјите од Западен Балкан за натамошно проширување на Европската унија, напредокот на секоја земја поединечно кој што е досега постигнат и очекувањата на Европската унија за потребните реформи кои треба да се спроведат во земјите кандидатки за нивно членство во Европската унија.