Активности

Четврток, 7 септември 2017 година

Средба на претседателот Џафери со државниот министер за надворешни работи на Јапонија, Н.Е. Казујуки Накане

На денешната средба со државниот министер за надворешни работи на Јапонија, Н.Е.Г. Казујуки Накане, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, ја изрази својата благодарност и задоволство од посетата на високата јапонска делегација по повод отворањето на Јапонската амбасада во Република Македонија и изрази надеж дека ова ќе биде добра можност за интензивирање и продлабочување на заемните односи помеѓу двете земји. 

Претседателот Џафери истакна дека отворањето на Јапонска амбасада во Република Македонија ќе биде поттик за понатамошна посилна соработка, а географската оддалеченост не треба да биде пречка во развојот на севкупните односи на двете земји. 

Меѓу другото, претседателот Џафери го информираше јапонскиот министер дека е формирана Парламентарната група за соработка со Јапонија, при што беше нагласено дека главниот акцент на соработка меѓу двете земји треба да биде во областа на економијата, образованието и културата.

Јапонскиот министер за надворешни работи истакна дека Јапонија и Македонија имаат голем потенцијал за соработка во многу области. Тој упати поддршка за новата македонска влада како прв чекор што води кон стабилизација, како и поддршка кон евроатланските интеграции на Република Македонија. Јапонскиот министер, потенцирајќи ја важноста на економската соработка меѓу двете страни, го информираше претседателот Џафери за помошта на јапонската влада во областа на медицината, а исто така најави и помош во многу проекти во областа на справување со непогоди и катастрофи, како што се поплави, пожари и слично. 

Исто така, министерот изрази посебно задоволство од унапредувањето во образовната сфера и зголемување на интересот за изучување на јапонскиот јазик во Република Македонија.  На крајот и двајцата соговорници ја искажаа својата подготвеност да работат на унапредување и зајакнување на соработката меѓу двете земји.