Активности

Вторник, 14 ноември 2017 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Г. ЕМИЛИО ЛОРЕНЦО СЕРА, АМБАСАДОР НА КРАЛСТВОТО ШПАНИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со новиот вонреден и ополномоштен амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија, Емилио Лоренцо Сера.

Претседателот Џафери му посака добредојде во Република Македонија на новиот амбасадор и успешна и плодна работа, изразувајќи задоволство од фактот што политичките односи со Кралството Шпанија ги карактеризира пријателство без отворени прашања. Претседателот Џафери го информираше амбасадорот за  поканата упатена до неговата колешка во Претставничкиот конгрес на Кралството Шпанија, г-ѓа Ана Пастор, да ја посети Република Македонија во текот на 2018 година. Исто така, се заблагодари за поддршката за аспирациите за членство во НАТО и ЕУ на Република Македонија и го информираше за тековните реформи кои се преземаат за исполнување на потребните критериуми, вклучително и подобрувањето на односите со соседите.

Во однос на актуелните случувања во Шпанија, претседателот Џафери го афирмираше ставот на Република Македонија, со кој ѝ се дава полна поддршка на Владата на Кралството Шпанија за зачувување на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, преку почитување на Уставот и законите и, изрази уверување дека Владата на Кралството Шпанија ќе успее да го обезбеди уставниот поредок на демократски начин, поредок со кој ќе се гарантираат слободите и правата на сите граѓани.

Амбасадорот Сера се заблагодари за можноста од средба и размена на мислења околу актуелните случувања во двете земји. Тој подвлече дека Шпанија ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија за членство во НАТО и во ЕУ, бидејќи нејзиното членство ќе придонесе за стабилност на целиот регион, а тоа ќе го прави поинтензивно во текот на претстојните претседателства со Советот на ЕУ во 2018 и 2019 година, чиј заеднички именител меѓу останатите приоритети ќе биде и проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Амбасадорот Сера, ги поздрави реформските процеси во земјата и градењето на добрососедските односи, кои претставуваат клучен предуслов за членство во евроатлантските организации. 

Соговорниците заеднички констатираа недоволен интензитет на средби на високо ниво и се обврзаа да го искористат моментумот кога и двајцата се новоизбрани на овие функции, лично да придонесат за интензивирање на комуникацијата, особено во доменот на парламентарната соработка.