Активности

Четврток, 9 ноември 2017 година

Средба на претседателот Џафери со министерот за надворешни работи на Црна Гора, г. Срѓан Дармановиќ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Талат Џафери, се сретна со министерот за надворешни работи на Црна Гора, г. Срѓан Дармановиќ, кој претсојува во еднодневна работна посета на Република Македонија. На средбата присуствуваа и членовите на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Црна Гора, г-ѓа Лилјана Кузмановска, претседател и г. Благојче Трпески, г-ѓа Мирсада Емини Асани и г. Африм Гаши, членови. 

Претседателот Џафери изрази задоволство од можноста за средба со г. Дармановиќ, како висок претставник на земја од соседството со која немаме отворешни прашања и со која не врзуваат пријателства и традиционално добри политички, економски и културни врски и имаме исти надворешно-политички приоритети. Тој нагласи дека останува да се искористат сите можности за поинтензивна економска соработка, за што е потребно да се надополни договорно правната рамка меѓу двете држави. 

Поздравувајќи го членството на Црна Гора во НАТО и напредокот во преговорите за членство во Европската Унија, претседателот на Собранието изрази уверување дека наскоро и Република Македонија ќе ја достигне клучната точка на својот пат - полноправно членство во НАТО и добивање датум за преговори со ЕУ. Тој информираше дека наш приоритет е да ја зајакнеме комуникацијата со нашите соседи, преку отворен дијалог да ги решаваме тековните проблеми и да градиме мостови за соработка, базирани на взаемна доверба и почит. Исто така, ги информираше гостите за одржаните локални избори, кои според оценките на меѓународните набљудувачи, беа спроведени во согласност со меѓународните стандарди. 

Министерот Дармановиќ истакна дека Република Македонија веќе ја гледа како идна членка на НАТО алијансата и изрази уверување дека земјата наскоро ќе ги отвори и преговорите со ЕУ. Тој ја потенцираше успешната билатерална соработка во областите одбрана и култура, а изрази и надеж дека со воведувањето на  авионската линија Скопје - Погорица - Сараево, ќе се отворат можности за унапредување на туристичката соработка. 

Според министерот Дармановиќ, формирањето на мешовитата економска комисија ќе даде дополнителен импулс за поинтензивна економска соработка. Тој се осврна и на важноста на регионалната соработка како клучен елемент за стабилизирањето на регионот. Во однос на пристапувањето во Европската Унија, г. Дармановиќ истакна дека Црна Гора се залага за т.н. принцип на регата, според кој, земјите стануваат членки на Унијата кога ќе постигнат резултати.  

На средбата беше потенцирано и дека малцинствата во двете држави се исклучително значаен фактор во меѓусебните односи и се мост на поврзување и пријателство.