Активности

Среда, 11 јули 2018 година

Средба на претседателот Џафери со претставниците на бошњачката заедница

Во насока на одбележувањето на 11 Јули - Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со претставниците на политичката партија Бошњачки демократски сојуз, претставниците на бошњачките здруженија и бошњачката заедница во Република Македонија. 

Оваа активност е како резултат на Декларацијата за поддршка на Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница од 15.1.2010 година, со која Декларација, Собранието на Република Македонија се обврза дека овој датум ќе го одбележува на соодветен начин, институционално, со што покрај исполнувањето на обврската, ќе се оддаде и почит на жртвите од овој геноцид.

На средбата, покрај претседателот Џафери, присутни беа и пратениците Ферид Мухиќ и Зечир Рамчиловиќ.

На почетокот на средбата, претседателот на Собранието ги информираше присутните дека минатата година, од име на Собранието имаше Делегација во Поточари, додека пак оваа година одлуката е да се одбележи овој ден во законодавниот дом и неговата порака беше дека не може да се врати времето и не може да се излечи болката, меѓутоа треба да се извлече поука, не смее да се заборави, за никогаш да не се повтори.

Пратениците Мухиќ и Рамчиловиќ изразија благодарност до претседателот на Собранието и до Владата на Република Македонија за третирањето и разбирањето на потребите на заедниците во земјава, при што го посочија фактот дека основното образование на босански јазик е позитивно прифатено од сите. Треба да се поддржува образованието, со тоа и интеграцијата на етничките заедници во земјата, бидејќи тие се само додадена вредност  во секое напредно, европско општество.

Од страна на претставниците на Бошњачкиот демократски сојуз, покрај претседателот на партијата, се обрати и координаторот на Одборот за одбележување, кој информираше за сите предвидени активности. Во тој контекст, на претседателот на Собранието му беше ставен на ревер симболичниот Сребренички цвет и му беше дадена Бела роза. По средбата, дадоа изјави за медиумите.