Активности

Четврток, 8 ноември 2018 година

Тринаесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 13. седница, одржана на 23 август, 30 август (I продолжение) и 7 ноември (II продолжение) 2018 година, како матично работно тело во прво читање го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за виното, поднесен од пратеникот Панчо Минов.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше Благе Цветковиќ, заменик на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Предлагачот Панчо Минов ја нагласи потребата од донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот. 

Тој истакна дека по вторпат со видоизменета содржина го поднесува предложеното законско решение кое се состои од 10 членови. 

Се предлага винското грозје да се смета како земјоделско-прехранбен производ; се уредува проблематиката на обврската за пријавување на планираното производство на винско грозје за откуп и за преработка на вино и тоа до 31 март во тековната винска година; потребно е да се определат овластени проценители кои ќе ги утврдуваат шеќерните единици на грозјето, рок до кога откупувачите треба да ги објават откупните цени, како и да се уредат условите за регистрираните откупувачи; Владата да може да донесе мерки на финансиска поддршка - субвенции за производителите на винско грозје и вино; рестрикција е тоа дека мала винарија може да отвори дипломиран агроном со отсек лозарство и овоштарство; на малите винарии да им се овозможи виното и другите производи од грозје и вино да ги продаваат како рефус во просториите во кои се врши производство на вино, во специјализирани продавници и угостителски објекти, а за квалитетот на виното одговорен да биде крајниот потрошувач; производителот на вино, произведените количини на вино, откупено, а неплатено грозје да може да го стави во залог на користење на кредитни средства првенствено за исплата на доспеани долгови по основ на неплатено грозје, со изјава дадена на нотар на одговорното лице на производителот на вино; да се заштити ознаката на географски назив што ја носи виното. 

На крајот, пратеникот Минов истакна дека повеќепати е ветено од страна на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство дека ќе предложи ново законско решение, но истото досега не е направено. Министерството не се произнесува ни на веќе поднесените законски решенија. Тој смета дека има потреба од донесување на ова законско решение сè со цел да се решат проблемите на лозарите и производителите на вино.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа уште заменик-министерот Цветковиќ и пратениците Диме Велковски и Димитар Стевананџија.

На крајот од расправата, првиот предлог од пратеникот Панчо Минов кој се однесува на тоа да се прекине дискусијата по точката од дневниот ред, да се формира работна група од членови на Комисијата која заедно со претставници од Министерството и засегнатите страни ќе дискутираат за тоа кои делови од ова законско решение се прифатливи и врз основа на тоа ќе изготват извештај кој ќе го достават до Комисијата, беше усвоен со 8 гласа „за“, ниеден „против“ и 1 „воздржан“.

Што се однесува на вториот предлог - Комисијата да донесе одлука да се организира јавна расправа на која од Комисијата ќе бидат поканети засегнатите страни за да го дадат своето мислење, тој беше усвоен со 5 гласа „за“, 3 „против“ и 1 „воздржан“.

По расправата, Комисијата со 6 гласа „против“ и 1 „воздржан“ заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за виното, не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

Согласно овој Заклучок и негативното мислење од Владата по Предлог-законот, претседателот на Комисијата, Љупчо Димовски, извести дека донесените Одлуки на Комисијата, кои се однесуваат на формирање на работна група и организирање јавна расправа веќе немаат понатамошно дејство.