Средби пратеници

Вторник, 12 септември 2017 година

Средба на пратеникот Артан Груби со д-р Милан Брглез

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, заедно со членовите и замениците на Комисијата, имаше средба со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, д-р Милан Брглез.

Претседателот Брглез ја афирмираше словенечката поддршка за Република Македонија, изрази силна подготвеност и спремност за секаков вид на помош во поглед на евроатлантските аспирации на Република Македонија, и пријателски укажа на неколку важни препораки имајќи го предвид процесот на пристапување кон овие сојузи.

Претседателот на Комисијата, г. Груби, на гостинот од Словенија му посака успешна посета на Република Македонија, со цел продлабочување на одличните билатерални врски меѓу двете држави. Тој искажа благодарност за  досегашната поддршка од страна на оваа пријателска земја, информираше за реформскиот процес и политички моментум во земјата.

Груби информира дека во земјата постои консензус за евроатлантските интеграции во ЕУ и НАТО и дека таквиот консензус постои и во Комисијата за европски прашања, за што е доказ и едногласно усвоената Декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во Европската Унија.  

Груби побара отстранување на условот од препораката, добивање на датумот за преговори, и итно членство во НАТО.На средбата свое обраќање имаа и членовите на Комисијата: Никола Попоски, Петар Атанасов и Лилјана Поповска, при што беше потенцирана заложбата и определбата и на позицијата и на опозицијата  во земјата, за што поскоро зачленување во ЕУ. Во тој контекст се истакна и потребата за надминуване на пречките на патот кон ЕУ.

Се разговараше и за трговската размена меѓу двете држави, туризмот и други економски аспекти кои можат да бидат точки на поврзување меѓу Република Македонија и Република Словенија.

Исто така, заедничка беше констатацијата дека земјата треба да работи на спроведување на итните реформски приоритети, пред сè на подобрување на состојбите во владеењето на правото, системските реформи, рамноправноста меѓу граѓаните во согласност со Охридскиот договор, со цел Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори.