Средби пратеници

Вторник, 12 декември 2017 година

Средба на пратеникот Груби со чешкиот амбасадор Томан

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, имаше средба со амбасадорот на Република Чешка во Република Македонија, г. Мирослав Томан.

На средбата стана збор за актуелните случувања во земјата, за реализацијата на Реформскиот план на Владата и имплементацијата на нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор.

Груби го истакна значењето и напорите кои се прават во однос на решавањето на споровите со соседите, за што сведочи и постигнувањето на договорот со Бугарија за добрососедство, при што истакна дека коалицијата со истата смелост ќе пристапи и по однос на прашањето за името со Грција. 

Што се однесува до реформите, Груби изјави дека се залага за годинава да се реши прашањето за новиот обвинител, Законот за верификации на факти и Законот за судскиот совет, Законот за заштитени сведоци со надеж дека и опозицијата ќе продолжи да делува во Собранието, ќе ги поддржи и ќе стане дел од реформските решенија со што ќе се испорачаат видливи резултати до Брисел, со цел добивање на чиста препорака и датум за почеток на преговорите со Европската Унија. 

Амбасадорот Томан, истакнувајќи ја чешката поддршка за Република Македонија на патот кон НАТО и ЕУ, информира дека, Чешката Република е силен поддржувач на процесот на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, и дека ќе даваат силен импулс и кон останатите земји членки на Унијата во континуитет да работат на процесот на обединета Европа.

Исто така, во овој контекст амбасадорот Томан посочи дека треба да се искористи моментумот на поддршка од страна на институциите на Европската Унија во однос на интеграцијата на земјите од Западен Балкан, нагласувајќи дека вратата е отворена и дека останува на земјите аспиранти да ги испорачаат бараните реформи од страна на Брисел.

На крајот од средбата, од страна на амбасадорот Мирослав Томан беше информирано дека Комисијата за одбрана и надворешни работи на Сенатот на Чешката Република ќе оствари официјална посета на Република Македонија во месец април наредната година.