Средби пратеници

Петок, 4 мај 2018 година

Средба на пратеникот Китев со италијанскиот амбасадор Ромео

Пратеникот Бетиане Китев, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Италија, оствари средба со Н.Е. Карло Ромео, амбасадор на Италија во Република Македонија. 

На средбата беа разменети видувања за актуелната политичка состојба во Италија по одржувањето на парламентарните избори, како и активностите околу формирањето на новата Италијанска влада. Притоа, Амбасадорот информираше дека се очекува следната седмица да се изврши третиот круг на политички консултации за да може претседателот на Републиката да го додели мандатот за формирање на новата Италијанска влада, со што ќе се заокружи процесот на нормално функционирање на сите институции во државата.

Пратеникот Китев го запозна амбасадорот Ромео со активностите во Собранието на Република Македонија на планот на евроинтеграцијата на земјата, работата на Комисиите и Собранието во целина.

Во контекст на меѓупарламентарната соработка, истакна дека Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Италија се формира во неколку последователни пратенички мандати, што ја покажува заинтересираноста на Собранието за остварување на поблиска соработка меѓу пратениците од двата Парламента.

Собранието на Република Македонија било домаќин на повеќе италијански парламентарни делегации од Комисиите за европски прашања и за надворешна политика, како од Претставничкиот дом, така и од Италијанскиот сенат. Сепак, недостасува поинтензивна соработка воспоставена на реципрочно ниво, која би се реализирала во континуитет меѓу групите за соработка во двата Парламента, со оглед на искуствата на богатата италијанска парламентарна традиција, која во многу сегменти би можела да биде применета и во работата на Собранието на Република Македонија.

Амбасадорот Ромео ја поздрави оваа иницијатива и истакна дека веднаш ќе ја проследи до Италијанскиот парламент, за која верува дека ќе наиде на позитивен прием. Изрази надеж дека по формирањето на комисиите во Италијанскиот парламент, набрзо ќе следува и формирање на групите за соработка, со што ќе се создадат услови за започнување на поблиска соработка. 

Соговорниците споделија позитивни размислувања за одличната билатерална соработка меѓу Република Македонија и Италија и се заложија за нејзино продлабочување во иднина.